Попови, јогини и полициски забави

ФРАНЦИЈА / РУАНДА - Апелациониот суд во Париз денеска одлучи Фелициен Кабуга, осомничен за геноцидот во Руанда, да му биде испорачан на Меѓународниот суд.

МАКЕДОНИЈА - Без почитување на препораките и мерки за заштита од Ковид-19 синоќа полициски службеници правеле забава во кратовското село Куклица, потврди МВР. Според информациите од Секторот за комуникација со јавност на Министерството за внатрешни работи, настанот се случил синоќа, околу 21 часот, кога бил пријавен во полиција. Седум полицајци веднаш биле приведени.

МАКЕДОНИЈА - Во последните 24 часа се направени 974 тестирања, а регистрирани се 101 нови случаи на ковид-19 и 4 починати. Од 4 јуни во 21 часот до 5 часот во понеделник наутро се воведува полициски час во сите скопски општини, Куманово, Општина Липково, Штип, Тетово, како и во општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, одлучи владата на денешната седница, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

ГРЦИЈА - Грчката православна црква денеска го критикуваше практикувањето ја јога во борбата против стресот поради коронавирусот, оценувајќи дека јогата е целосно неспоива со православната вера.

КИНА - Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Лиџијан ги отфрли наводите на американската агенција АП дека Кина ненавремено ја информирала Свестката здравствена организација за новиот коронавирус. Тој нагласи дека извештајот на новинската агенција не е вистинит.

ГЕРМАНИЈА - Германската влада го укинува предупредувањето за туристички патувања во 29 европски земји, почнувајќи од 15 јуни, соопшти денеска германскиот министер за надворешни рабти, Хајко Мас.

САД - Демократскиот кандидат за претседател на САД Џозеф Бајден го обвини претседателот Доналд Трамп дека ја претворил земјата во бојно поле и вети дека ќе стори сé за да ги залечи расистичките рани доколку победи на изборите закажани за ноември.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин и нареди на владата да преземе брзи чекори за санирање на економската штета од пандемијата на коронавирусот.

СЛОВЕНИЈА -Словенија распореди повеќе од 1.000 дополнителни полицајци на границата со Хрватска, поради зголемениот прилив на мигранти по таканаречената балканска рута, соопшти денеска заменик-директорот на полицијата Јоже Сеница, јави МИА.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ во писмото до кинескиот претседател Си Џинпинг по повод усвојувањето на кинескиот закон за Хонг Конг истакнал дека Србија го поддржува суверенитетот на Кина и нејзиниот територијален интегритет.