Шефици, „кукавици“, пациенти, шоумени, демонстранти...

РУСИЈА / САД - Претседателот на САД Доналд Трамп го повика рускиот претседател Владимир Путин да му каже за неговиот предлог за проширениот самит на Г7 во кој ќе биде вклучена и Русија, соопшти Кремљ. Среде пандемијата на коронавирус, Трамп минатата недела рече дека ќе го одложи до есента состанокот на водечките индустријализирани нации што планираше да го одржи следниот месец. На самитот треба да учествуваат и Русија, Австралија, Јужна Кореја и Индија.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 885 тестирања, а регистрирани се 76 нови случаи на ковид-19, а не 67 како што беше соопштено во текот на денот.

МАКЕДОНИЈА - Пресудата за случајот Рекет ќе биде соопштена на 18 јуни во Основниот кривичен суд во Скопје, откако денес и на изминатите неколку рочишта Обвинителството и одбраната ги дадоа своите завршни зборови.

САД - Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси и лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер го нарекоа претседателот Доналд Трамп кукавица, слаб и опасен, поради неговиот став кон масовните протести во земјата предизвикани од смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд.

БУГАРИЈА - Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, изјави дека антибугарската реторика во Северна Македонија е заради претстојните избори и националистичките ставови на некои политичари.

РУСИЈА - Русија покани војници од 19 земји да учествуваат во Парадата на победата на Црвениот плоштад, изјави денеска рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.

ХРВАТСКА / БЕЛГИЈА / ФРАНЦИЈА - Хрватскиот европратеник Тонино Пицула е назначен за постојан известувач на ЕП за односите со Соединетите држави, пренесе МИА. Пицула, од оваа должност, во името на Европскиот парламент ќе ги покрие сите теми поврзани со односите ЕУ-САД, а ќе биде претставен од Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) и неговата парламентарна група на Социјалисти и демократи.

АВГАНИСТАН - Најмалку седум цивили загинаа во експлозија на подметната бомба крај пат во северната авганистанска провинција Кундуз, соопштија денеска локалните власти, јави германската новинска агенција ДПА.

САД - Едно лице почина, а еден полицаец е во критична состојба откако беше ранет во одделни вооружени инциденти во Лас Вегас за време на протестите по повод смртта на Џорџ Флојд, соопштија официјалните лица.