ЕУ - Преговарачката рамка во наредните денови, за изборите да ги видиме деталите

Еврокомесарот Оливер Вархеји

Преговарачката рамка за Северна Македонија треба да биде готова во наредните денови и ќе се обидеме документот да се најде на масата на Советот на ЕУ наредната недела, велат извори од кабинетот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за РСЕ.

„Ја видовме најавата за намерата, изборите да се одржат во јули. Ќе треба да ги видиме деталите. Слободни и фер избори ќе треба да се одржат со доволно време за кампања и сите политички партии да имаат можност за кампања. Треба да видиме како ова во услови на Ковид-19 може да биде имплементирано. Ќе разговараме со македонските власти за сето ова. Преговарачката рамка треба да биде готова во наредните денови и се надеваме дека ќе се најде на масата на Советот на ЕУ наредната недела“,ни рекоа од кабинетот на Вархеји.

Оттаму додадаваат дека целиот пакет за проширување се очекува наесен. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во интервју за „Независен“ најави дека ЕУ ќе ја објави преговарачката рамка меѓу 9 и 10 јуни. Владата пак, инсистира предвремените парламентарни избори да сеодржат на 5 јули.

Што може да се очекува од преговарачката рамка со ЕУ?

Преговарачката рамка меѓу Европската Унија и Северна Македонија, инаку, ги содржи начелата врз кои треба да се одвиваат преговорите меѓу двете страни и откако ќе биде готова, таа треба да биде усвоена од земји членки на Унијата. По нејзиното усвојување, според најавите, треба да се одржи и првата меѓувладина седница со која и формално започнуваат преговорите за членство во ЕУ.

Северна Македонија и Албанија добија одлука за почеток на преговорите за членство кон крајот на март. Од 1 јули годинава стартува германското претседателство со ЕУ, кое се очекува да го задржи фокусот врз Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ.