Приведени премиери, навредени претседатели...

МАКЕДОНИЈА - Прелетот на американските воени авиони денеска над Скопје е израз на нашата трајна поддршка за Македонија како и гест преку кој што ви посакуваме добредојде како 30-та ченка на НАТО, изјави американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мари Брнс, откако денеска, во знак на добредојде во НАТО, два воени авиони на САД, прелетаа над земјава.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 52 новозаразени од коронавирус, 30 оздравени пациенти, четворица починати.

СРБИЈА - Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во денешното обраќање до јавноста, зборувајќи за затворањето на црногорските граници за граѓаните на Србија, рече дека е бесмислено и срамно да се зборува за тоа како тие ја претставиле епидемиолошата ситуација во Србија.

РУСИЈА - Во рускиот Транс-Бајкалскиот регион, како и во областите околу Иркутск, Тува и во Какасијскиот регион е прогласена вонредна состојба поради ширењето на големите пожари во Русија. Повеќе од 34 шумски пожари се активни во Русија од полноќ, а противпожарните служби прават се за да ги изгасат, соопштија надлежните.

ТУРЦИЈА - Турција ќе ги укине ограничувањата на меѓу градските патувања и ќе им овозможи на рестораните, кафулињата, парковите и спортските објекти повторно да се отворат од 1 јуни, по ограничувањата наметнати за спречување на појавата на коронавирус, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Претседателот на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, директорот на управата за Цивилна заштита Фахрудин Солак и сопственикот на фирмата Сребрена малина, Фикрет Хоџиќ, биле приведени на испитување во седиштето на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во рамките на истрагата за аферата респиратори.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Палестинците во долината Јордан нема да станат државјани на Израел по анексијата на Израел на делови од Западниот Брег.

ПАКИСТАН - Капетанот на пакистанскиот авион, во кој загинаа 67 патници и членови на екипажот, се приближил до аеродромот во Карачи и не јавил дека има проблем со контролирањето на командата за слетување, па трипати удрил во пистата, изјави висок пакистански официјален претставник.

РУСИЈА - Во Русија во последните 24 часа од коронавирус починале 232 луѓе и тоа е најголем број забележан досега. Со ова, вкупниот број на починати достигна 4.374 луѓе, соопшти Оперативниот штаб за борба против ширење на вирусот.