Одбраната на осудените за „27 април“ побара изземање на 3 судии

Архивска фотографија од изрекувањето на пресуди за „27 април“

На денешната јавна седница во Апелацискиот суд во Скопје за случајот „27 Април“, одбраната на осудените побара изземање на судиите кои треба да постапуваат по жалбите поднесени на првостепената пресуда со која обвинетите добија вкупно 211 години затвор. Барањето се однесува на судиите Јани Нича, Енвер Беџети и Тања Дуковска.

Јавната седница почна со задоцнување од два часа, а потоа беше дадена и пауза за да се разгледа барањето на одбраната. Според адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, законот е многу јасен и во него стои дека ако судија во истиот суд решава и донел одлука што може да се побива со жалба, во тој случај не може да биде судија во предметот.