Вилушки и политичари

РУСИЈА - Во изминатите 24 часа во Русија, од последици од Ковид-19 починаа 135 лица, што е најголем број починати од почетокот на епидемијата во таа земја.

МАКЕДОНИЈА - Се уште е рано да се отворат границите, не треба со тоа да се брза, затоа што ако се отворат огромен дел од мерките и бенефитите на националните стратегии можно е да паднат во вода, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Тој информираше и дека ако Комисијата за заразни болести во петок донесе одлука за отворање на угостителските обвјекти, тие ќе бидат отворени во вторник.

ГРЦИЈА - Туристичкиот период во Грција почнува на 15 јуни, кога може да се отворат сезонските хотели, а од 1 јули постепено ќе започнат директните летови од странство до нашите туристички дестинации, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео пораката до јавноста во делот посветен на туризмот, јави дописничката на МИА.

БЕЛГИЈА - Европската Комисија денеска ја објави стратегијата Од фарма до виљушка за поодржлив прехранбен систем во Европската Унија, јави МИА од Брисел. Стратегијата Од фарма до виљушка (Ф2Ф) предвидува, меѓу другото, намалување на употребата на пестициди и антибиотици за 50 отсто во земјоделската активност и постигнување на 25 отсто на земјоделско земјиште посветено на органскиот начин на производство на храна во ЕУ.

ХРВАТСКА - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ги распиша парламентарните избори за 5 јули. Парламентарните избори за десеттиот состав на Саборот од независноста ќе се одржат во Хрватска в недела, на 5 јули, а во странство во хрватските дипломатски и конзуларни претставништва, во сабота на 4 јули и недела на 5 јули.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот суд денес му нареди на премиерот Бенјамин Нетанјаху да дојде на почетокот на судењето за корупција во недела во Ерусалим.

ЗАПАДЕН БРЕГ / ИЗРАЕЛ / САД - Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека палестинските власти веќе нема да бидат обврзани да го почитуваат договорот постигнат со Израел и САД, откако Израел најави дека ќе го присвои поголемиот дел од окупираниот Западен Брег.

АВСТРИЈА - Австрискиот канцелар Себастијан Курц најави дека ќе претстави поинаков предлог за обновување на економијата на ЕУ од оној договорен меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

АВГАНИСТАН - Вооружени лица убиле 11 луѓе во два одвоени напада во Авганистан, соопштија денеска официјални претставници за најновото насилство што ја зафати земјата.

УНГАРИЈА - Унгарскиот парламент донесе закон со цел да ги зачува тајните деталите од финансискиот договор со Кина за изградбата на железничката врска Будимпешта-Белград, затоа што тој договор се смета за најголема инфраструктурна инвестиција во земјата. Деталите за договорите мора да останат тајни десет години, бидејќи нивното објавување може да ја загрози Унгарија во спроведувањето на нејзината надворешна политика и нејзините трговски интереси, се вели во законот.