Утре ќе се одлучува за полицискиот час викендов и за работата на рестораните

Затворени кафулиња во центарот на Скопје

Комисијата за заразни болести утре ќе расправа за траењето на полицискиот час за време на викендот и празниците во понеделник, како и за отворањето на угостителските објекти, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

„Го најавивме отворањето на угостителските објекти во оваа недела, но во текот на дискусијата ги имавме предвид и претстојните празници за време на викендот, така што во текот на утрешниот ден ќе ја знаеме дефинитивната одлука согласно стручните препораки“, истакна Филипче.

Овој викенд се преклопуваат два празника – Денот на светите просветители Св. Кирил и Методиј и муслиманскиот верски празник Рамазан Бајрам.