Боки, Бојко, Божков, Бенјамин...

МАКЕДОНИЈА - Рочиштата за предметот Рекет, закажани за 19 и 20 мај се одлoжуваат за 25 и 26 мај, соопшти Основниот кривичен суд Скопје. На следното рочиште предвидено е завршни зборови да даваат обвинителството и одбраната.

МАКЕДОНИЈА - Политичките лидери не се договорија за датум за одржување на предвремени парламентарни избори и по денешната втора лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која се разговараше за датум за одржување избори.

МАКЕДОНИЈА - Во попладневните часови на 17 мај извршено е тестирање за КОВИД-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во МВР, при што е утврден позитивен резултат, соопшти кабинетот на Претседателот. Претседателот не бил во контакт со тоа лице.

ГЕРМАНИЈА - Лидерите на Германија и Франција денеска предложија фонд за опоравување на европската економија од 500 милијарди евра, која е погодена од пандемијата на коронавирусот, јави АП.

ЈУЖНА АФРИКА - Светската здравствена организација соопшти дека во африканските земји со коронавирус се заразени 84.183 луѓе, а починале 2.739. Најмногу случаи се регистрирани во Јужна Африка - 15.515, а во таа земја од коронавирус починале 264 луѓе.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија веќе доцни со изборите и дека не разбира како некој мисли дека со воведувањето вонредна состојба или со неуставно однесување, тие понатаму да се одложуваат, јави МИА од Белград.

ИЗРАЕЛ -Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави во парламентот, пред да положи заклетва неговата нова влада, дека е време за анексија на делови од окупираниот Западен Брег.

БУГАРИЈА - Независна бугарска телевизиска станица го обвини премиерот Бојко Борисов за ширење лажни гласини, откако тој инсинуираше дека телевизијата работи по наредба на прогонет олигарх. Борисов на 16 мај двапати ја нарече бТВ во американска сопственост како ТВ Божков, повикувајќи се на Васил Божков, најбогатиот бизнисмен воземјата, кој од јануари се наоѓа во самонаметнат егзил во Дубаи, по обвиненијата за даночна измама, обид за мито и организиран криминал.