Објавен протоколот за избори: Митинзи, маски, гласање...

По лидерската средба и на барање на претседателот на државата Стево Пендаровски, Комисијата за заразни болести го дефинира протоколот за спроведување на изборниот процес за време на кампањата и за време на гласањето во услови со коронавирус пандемија.

Протоколот денеска го објасни министерот за здравство, Венко Филипче.

„Комисијата за заразни болести подготви протокол во четири дела за изборната кампања и изборниот процес кој мора целосно да се спроведува за да се заштити здравјето на граѓаните. За време и пред активностите на изборната кампања треба да се почитуваат правилата за физичка дистанца од 2 метра и да се носи маска. При одржување собири мора да се почитуваат веќе познатите мерки за превенција и дистанца за да се избегне концентрирање на луѓе на поголем простор“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Протоколот предвидува во кампањата „врата до врата“ претставниците на партиите да мора да држат доволно растојание со граѓанинот или соговорникот, а на денот на изборите сите членови на избирачките одбори мора да имаат маска, прозорците мора да се отворени, а во просторијата да нема повеќе гласачи од бројот на боксови за гласање.

„Гласачите мора да носат маска, која на кратко ќе ја тргнат додека се легитимираат. Дезинфекцијата на рацете ќе биде задолжителна при влез и излез од гласачкото место“, објасни Филипче.