Македонски сведоци, грчки протести, косовски проби...

ГРЦИЈА - Наставниците, професорите, студентите и учениците во Атина денеска протестираа против новиот нацрт закон за образование и побараа негово итно повлекување. Како што јавува дописничката на МИА, протестот завршил мирно, а големо било присуството на полицијата за да се спречат било какви инциденти и обиди да се стигне до Парламентот.

ГЕРМАНИЈА / МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Постигнувањето согласност на Европскиот совет за започнување на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија требаше да се случи одамна. Тоа е во интерес на ЕУ како целина, но особено во интерес на соседните држави на ЕУ во регионот. Би било сега грешка овој успех да се уништи со политизација на историските дадености. Ова во интервју за МИА го изјави германскиот амбасадор Томас Герберих во врска со оценките на дел од јавноста дека најавените бугарски барања во делот на историјата и јазикот се вовед во ново вето за Скопје во процесот на евроинтеграцијата.

МАКЕДОНИЈА - Имавме вибер група преку која комуницираме и каде се кажуваше кога и каде треба да се собереме, изјави сведокот Антонио Кочков на денешното негово сведочење во случајот - 27 април. Тој на прашање за тоа кој ги давал насоките одговори дека тоа биле некои поглавни од него.

МАКЕДОНИЈА - Од денеска почна скринингот на одредени категории групи на граѓани за ковид-19. Први на скринингот се вработените во градинките, односно околу 2.000 лица.

СРБИЈА / ЦРНА ГОРА - Поглаварот на СПЦ, Иринеј, во телефонски разговор со со српскиот претседател Александар Вучиќ, оценил дека црногорската држава спроведува прогон кон Српската Православна Црква. Ова следува по приведувањето на епископот на СПЦ, Јоаникие и 7 свештеници за организирање на непријавена црковна литија во црногорскиот град Никшиќ, на која се собрале неколку илјади граѓани.

САД - кКомпанијата фејсбук соопшти дека во првиот квартал од годинава биле отсртанети 9,6 милиони објави на социјалната мрежа Фејсбук што содржеле говор на омраза, наспроти 5,7 милиони во последниот квартал од минатата година.

ШВАЈЦАРИЈА - Над 300 пратеници од целиот свет денеска ги повикаа Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка да го отпишат долгот на најсиромашните земји како одговор на пандемијата Ковид-19 и да ги зголемат финансиските средства за спречување глобален економски колапс.

УНГАРИЈА / БЕЛГИЈА / ФРАНЦИЈА - Унгарскиот премиер Виктор Орбан доби покана да дојде во Европскиот парламент за да разговара за вонредната состојба што ја воведе во Унгарија заради епидемијата на коронавирусот и влијанието на тие мерки врз основните права и слободи.

КОСОВО - Активисти на движењето Самоопределување на вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, на плоштадот Скендербег во центарот на Приштина, како што е објавено, извршиле проба за протести во случај другите косовски парламентарни партии да формираат нова влада.