Герберих: Би било грешка одлуката за преговори да се уништи со политизација

Томас Герберих, амбасадор на Германија во земјата

Постигнувањето согласност на Европскиот совет за започнување на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија требаше да се случи одамна. Тоа е во интерес на ЕУ како целина, но особено во интерес на соседните држави на ЕУ во регионот. Би било сега грешка овој успех да се уништи со политизација на историските дадености.

Ова во интервју за МИА го изјави германскиот амбасадор Томас Герберих во врска со оценките на дел од јавноста дека најавените бугарски барања во делот на историјата и јазикот се вовед во ново вето за Скопје во процесот на евроинтеграцијата.

Запрашан за коментар дали процесот на проширување може да забави поради корона пандемијата, амбасадорот Герберих уверува дека Западен Балкан останува високо на дневниот ред на ЕУ.

„Земјите од Западен Балкан за ЕУ и за Германија се од највисок приоритет. Обемната поддршка на ЕУ за земјите од Западен Балкан за справување со короната е значаен доказ за тоа: ЕУ само за Северна Македонија дава на располагање 66 милиони евра за покривање на итната потреба во здравствениот сектор, како и 160 милиони евра макрофинансиска помош. Со тоа Самитот испрати силен знак на солидарност. Истовремено се потврди пристапната перспектива на шесте држави од Западен Балкан и ги охрабри да го продолжат започнатиот реформски пат кон членство во ЕУ“, истакнува амбасадорот Герберих.

Усогласувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија очекува да започне во јуни, но според Герберих не е предвидливо кога таа ќе биде финализирана, бидејќи новата методика на проширување мора да се заокружи, а корона кризата ги успорува и тековите во Брисел.