Орбан е поканет на дебата во Европскиот парламент

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан доби покана да дојде во Европскиот парламент за да разговара за вонредната состојба што ја воведе во Унгарија заради епидемијата на коронавирусот и влијанието на тие мерки врз основните права и слободи. Европскиот совет и Европската комисија треба да претстават став за ова прашање в четврток, по што ќе се одржи расправа на пленарната седница на Европскиот парламент, се наведува во писмото испратено од претседателот на парламентот Давид Сасоли.

Коронавирусот ја загрозува слободата на медиумите

На крајот на март, унгарскиот парламент донесе закон со кој се дозволува Орбан со укази да раководи во рамките на вонредната состојба во борбата против коронавирусот. Ваквите овластувања предизвикаа загриженост кај претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Орбан, чија земја редовно се критикува за кршење на владеењето на правото, е исто така познат по неговите изјави против Европската унија.