Со серијата насилства Авганистан во офанзива против милитантите

Авганистан започнува офанзива против талибанците и другите милитантни групи, најави авганистанскиот претседател Ашраф Гани, по денешните насилства во земјата кои резултираа со многу загинати и повредени луѓе.

Денеска вооружени лица нападнале болница во Кабул, бомбаш самоубиец се разнел на погреб, а имало и поставено бомба на пазар, при што загинаа десетици луѓе, меѓу нив и две новороденчиња. Засега ниедна група не презеде одговорност за нападите, а талибанците негираа дека тие стојат зад нападот на болница.

Гани во телевизиско обраќање ги обвини талибанците и Исламската држава (ИД) за нападите во државата. Тој рече дека на авганистанските безбедносни сили им е наредено да преминат во состојба на офанзива и да започнат операции против непријателите. Авганистанскиот претседател вели дека продолжувањето на операциите е неопходно за да се одбрани земјата, да се заштитат луѓето и инфраструктурата и да се одвратат нападите и заканите од талибанците и од сите други терористички групи.

Талибанците во февруари потпиша договор со САД во Катар со цел да се отвори патот за директни разговори помеѓу милитантната група и владата и да се стави крај на војната по повеќе од 18 години.

Но, талибанците ги засилија нападите во последните неколку недели и покрај ветувањето за намалување на насилството, додека милитантите на ИД, исто така, продолжија да ги таргетираат авганистанските безбедносни сили и цивилите.

Денеска во Кабул, тројца вооружени лица нападнаа државната болница при што загинале 14 лица, меѓу кои и две новороденчиња, а 15 други се повредени.

Во провинцијата Нангархар, загинале 24 лица, а повеќе од 68 повредени во напад од бомбаш-самоубиец за време на погреб.

И во југоисточната провинција Хост, експлодирала бомба поставена во автомобил на пазар, при што едно дете загинало, а повредени се 10 луѓе.