Новороденчиња убиени во нападот на болница во Авганистан

Припадник на авганистанските безбедносни сили носи бебе по нападот на болницата во Кабул.

Неколку вооружени напади со смртни последици се случија денеска во Авганистан.

Тројца вооружени напаѓачи нападнале болница во западен Кабул, во шиитска населба. Тие со часови се препукувале со авганистанските безбедносни сили. Авганистанското Министерство за одбрана соопшти дека во нападот се убиени 14 луѓе, меѓу кои и две новороденчиња, а 15 други луѓе се повредени.

Безбедносните сили соопштија дека ги убиле напаѓачите и успеале да спасат 80 жени и нивните новороденчиња кои биле во болницата.

Засега никој не презеде одговорност за нападот. Портпаролот на Талибанците Забихулах Муџахид во порака до РСЕ негираше дека милитантната група е инволвирана во нападот на болницата.

Локалните власти во провинцијата Нангархар соопштија дека 24 луѓе се убиени, а повеќе од 68 се повредени кога бомбаш самоубиец се разнел на погреб.

Имало и експлозија на бомба на пазар во провинцијата Хост, при што едно дете е убиено, а 10 други луѓе се повредени.