Предложено постепено отворање на градинки, ресторани, трговски...

Илустрација - Затворен угостителски објект во Скопје поради пандемијата

На денешната владина седница ќе се дискутира план за попуштање на рестриктивните мерки, најави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конфернција, на која демантираше дека „смислено се подесуваат бројот на тестирани лица“.

Тој информираше дека Комисијата за заразни болести ќе достави предлог план за олабавување на мерките, кои вклучуваат прво отворање на центри за едукација и обука, организација на седници и органи за управување со конферении, авто школи, спортски центри на отворено за индивидуални тренинзи како тенис, и затворени трговски центри без угостителска дејност.

„Неделата по ова, планот е да се отворат угостителски објекти, центри за колективни спортови и по епидемиолошка анализа, една недела подоцна, да се отворат и објекти за игри на среќа, автомат клубови, тренинзи во затворени спортски објекти и базени, теретани и хотелски објекти, секако со постојано следење на параметрите во меѓувреме“, рече министерот Филипче.

Тој додаде дека од утре почнува скринингот на одредени категории на групи на граѓани за Ковид-19, а први на скринингот ќе бидат вработените во градинките, кои се околу 2.000 лица.

„За период од една недела може да се заврши тој процес и градинките би се вратиле во функција. Она што е најважно, е животот постепено да се враќа во нормала, а граѓаните да се придржуваат до препорачаните мерки за заштита“, рече министерот.