Арслани - Нема олабавување, сите мерки против коронавирусот остануваат во сила

Заменик министерот за здравство Арменд Арслани

Сите мерки што се применуваат во моментов остануваат во сила и тие треба да се почитуваат. Комисијата за заразни болести и експертите не донесоа заклучок дека треба да се почне со укинување на полицискиот час и олабавување на другите рестриктивните мерки.

Ова го оцени заменик-министерот за здравство Арменд Арслани, во гостување на ТВ Телма одговорајќи на прашање дали може да има промена на полицискиот час до 23 мај. Во однос на можноста за одржување избори рече дека за оваа тема ќе има простор да се разговара кога 14 дена бројот на заболени би бил под пет проценти.

„Имавме одредени денови под пет проценти на дијагностицирани, но пред два – три дена, можеби инцидентно беше 10. Во деновите потоа имаше број што на пример вчера изнесуваше 5,7 отсто, а денешниот имаме 14,5 отсто. Комисијата за заразни болести не донесе заклучок дека треба да оди информација во Главниот кризен штаб и понатаму во Владата за продолжување на полицискиот час. Тоа што се дискутираше е врз основа на протоколите и врз основа на тие клучни компоненти се направени и фази, како во однос на Заводот за рехабилитација, за авто-школите, спортските тренинзи што ги исполнуваат условите и во најкраток можен рок може да ги спроведуваат нивните активности“, рече Арслани.

Тој додаде дека сите информации се анализираат на дневна основа од терен, но оти ќе почне да се анализираат и на неделно ниво и да се дојде до заклучок за да се оди во втората фаза, на мерки што се однесуваат на кафетерии, ресторани, хотелски објекти, јавен превоз, меѓународниот превоз итн., за што нема дефинитивен датум.

„Главен столб би биле Комисијата и експертите кои имаат стручно мислење. Дали ќе има простор за избори од лидерската средба нагласувам дека за сето тоа ќе треба да се даде заклучок од Комисијата која понатаму би требало да се проценува од Кризниот штаб и од Владата. Моментално, според овие бројки, и според Комисијата, во наредните неколку дена не би можело да се спроведува. Но, ако имаме дневни информации за една-две недели и врз основа на тие статистики ако овој број на 14 дена е под пет отсто мислам дека би имале простор да разговараме на ова тема“, рече Арслани.

Во однос на отворањето на џамиите најавено од утре, рече дека тоа ќе може да се спроведе ако се почитуваат сите мерки за физичка дистанца, носење маски, простирка и да се користи надворешниот простор од џамиите. Тој додава дека имале средби со претставници од Исламската верска заедница кои посочиле дека имаат протоколи и оти ги имаат преземено сите мерки.

Во врска со случувањата во Струга и одржаната литија, рече дека имале средби во овој град со кризниот штаб, со претставници од МПЦ и ИВЗ. Информира дека состојбата будно се следи оти од епидемиолошки аспект Струга може да биде и ново жариште, но резултатот, како што додаде, може да го видиме по осум до 10 дена дали ќе има скок на заразените.