Само 15 отсто од патниците ќе можат во јавен превоз во Лондон

Илустрација: Автобус во Лондон

Лондонската управа за сообраќај ги повика луѓето да „го преиспитаат“ начинот на патување и да избегнуваат јавен превоз доколку се во можност. Поради почитување на правилата за физичка дистанца, јавниот превоз во главниот град на Велика Британија ќе функционира поинаку отколку пред почетокот на пандемијата.

Надлежните велат дека со градски превоз во Лондон ќе може да се возат меѓу 13 и 15 отсто од вкупниот број патници во нормални услови.

Дури и кога сите возила бидат пуштени во оптек, капацитетот ќе биде намален за 85 отсто, а на корисниците на подземната железница им е порачано задолжително да користат заштитна опрема.

Градоначалникот Садик Кан апелира граѓаните да купуваат локално, во непосредна близина на живеалиштето за да не користат јавен превоз, како и вработените што можат да продолжат да работат од дома.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој се подготвува да го претстави планот за олабавување на мерките, во синоќешното обраќање до нацијата, рече дека благодарение на рестриктивните мерки е спречена катастрофа и дека е прерано за укинување на карантинот во земјата.