Институт за македонски јазик- изданието на БАН е паушално и тенденциозно

Илустрација- Македонска азбука

Од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска реагираат на изданието на Бугарската академија на науките (БАН) промовирано минатата недела под наслов „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.

„По брзиот прочит (се работи за книшка од вкупно 68 страници со многу фотографии), може да се забележи дека информациите главно се паушални и тенденциозни, без цитирање соодветна литература, направен е избор на „подобни“ личности од Македонија кои се анализираат, се обвинуваат познати македонски лингвисти за плагијат и ненаучни толкувања без соодветна поткрепа, се воспеваат потпросечни македонски писатели како прочуени зашто имале пробугарски ставови, па дури и се даваат насоки за македонските научници како треба да пишуваат и како треба да биде македонскиот јазик во иднина. Згора на сè, се промовира и ново име на македонскиот јазик, а тоа е северномакедонски бугарски јазик“, наведуваат од институтот.

Долгата реакција на институтот e поделена со меѓунаслови: за историјата на македонскиот јазик, за преродбениците, за македонските имиња, за македонските дијалекти, за создавање на македонскиот литературен јазик.

„Секој што претендира себеси да се смета за научник мора да биде во согласност со времето. Основно човеково право е правото на употреба на мајчиниот јазик и на самоопределување. Секој обид да се постигне тоа со сила или уцена ќе биде неуспешен. Македонците не можат да се чувствуваат како Бугари, ниту да го сметаат бугарскиот јазик за мајчин. Впрочем, во последните 100 години, само за време на окупацијата од 1941 до 1944 година во поголемиот дел на Македонија службен бил бугарскиот јазик, така што двата јазика се развивале оддел но и притоа доста се оддалечиле“, наведуваат од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Бугарската академија на науките на седми мај ја издаде книгата која е потпишана од 12 автори и 6 надворешни консултанти, а под раководство Васил Николов, заменик-претседател на Бугарската академија на науките. Во неа меѓудругото се наведува дека македонскиот јазик е регионална норма на бугарскиот јазик.