Итна владина седница за собирот во Струга, казни за полицијата

Верници на литијата во Струга на 7 мај 2020

Владата за денеска свика итна седница на која ќе ги разгледа можните последици од настанот во Струга и согласно препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат соодветни мерки за превенција од ризикот по здравјето на граѓаните на општина Струга и на регионот и за можното прелевање на ризиците и во други делови на земјата.

Вчера во Струга, и покрај препораките на здравствените органи и владините мерки за заштита од зараза со коронавирусот, се одржа црковна литија на која присуствуваа голем број верници, без запазување на пропишаните мерки за заштита.

„Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува организирањето на настанот во Струга поттикнат за одбележување на верски празник, како и организирањето на прославата за Денот на полицијата во Скопје. Организирањето на овие настани во услови на пандемија значи свесно кршење на забраните за јавни собири, и е резултат на крајно неодговорни одлуки кои се закануваат да ги доведат во ризик и прашање сите ефекти и резултати што беа постигнати во спречувањето на ширењето на коронавирусот“, стои во владиното соопштение.

Претходно, заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, објави дека ќе има казни за струшките полицајци и одговорност за надредените кои дозволиле масовен собир за време на Литијата во Струга по повод верскиот празник Св.Ѓорѓија, а струшкото Обвинителство соопшти дека отворило предмет за собирот и побарало од МВР да ги идентификува рганизаторите на настанот.

Свештенството при храмот Св. Георгиј, организатор на литијата, соопшти дека црквата неколку дена претходно и пред самиот настан повикала на придржување на мерките дадени од државните власти и потенцира дека нема никаков простор за обвинување.