Јанева: Ви ја должам вистината, ќе кажам што имам

Архивска фотографија - Катица Јанева во суд за случајот „Рекет“

Изутрината во Кривичниот суд почна ново рочиште за предметот „Рекет“ во кој исказ во моментов дава обвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева.

„На јавноста и на судот им ја должам вистината, по 10 месеци ќе кажам што имам за случајот, да знаете вие што знам јас од тие 660 илјади разговори, денеска не би била тука“, рече Јанева на почетокот од својот исказ пред Судот и додаде дека библија на нејзиното работење е Законот за кривична постапка и законот за СЈО.

Обвинителство за борба против организираниот криминал и корупција во случајот „Рекет“ ги обвини Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева дека со умисла го рекетирале бизнисменот Јордан Камчев за да му се укине мерката притвор во предметот „империја“. Третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец, пак, на првото рочиште за „Рекет“, што се одржа во лани во декември, призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. На Милевски пред неколку недели му беше укинат куќниот притвор.

Вчера пред Судот исказ даде и Боки 13 кој рече дека ниту ги земал ниту ги видел парите во ташната Луј Витон и дека Зоран Милески Кичеец ги одработил сите, а ташната ја вратил кај Камчев. Јовановски рече и дека поранешниот премиер го предупредил дека странски служби го следат него и Јанева, што веднаш по рочиштето Заев го негираше.