Марки, месо, лидери...

МАКЕДОНИЈА - Објавена е поштенска марка по повод членството на нашата држава во НАТО, објави на својот профил на Фејсбук премиерот Оливер Спасовски, потенцирајќи дека таа ги отсликува собраната колективната меморија на граѓаните кои се обединија и ја остварија поставената цел уште од првите денови на независноста да бидеме дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз во светот.

МАКЕДОНИЈА - Не постојат услови за прифаќање на иницијативата на судијата д-р Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 43/2020), едногласно одлучија судиите на Уставниот суд на денешниот работен состанок по завршувањето на XII седница на Судот.

МАКЕДОНИЈА - Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Христијан Мицкоски на јавно соочување за, како што велат, неговата искреност за договорот со Грција, за НАТО и ЕУ, за Законот за ЈО, за плаќањето пратеници...

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информираше дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 44 оздравени пациенти, 2 починати и 13 новозаразени со коронавирус во последните 24 часа.

МАКЕДОНИЈА - Шар Планина и Осоговските планини се додаваат на листата заштитени подрачја, објави на денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

МАКЕДОНИЈА - Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и операторите за храна од јануари до март годинава уништиле над 85 тони небезбедна храна, соопшти АХВ.

ХРВАТСКА - Денеска се одржа состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ и Западен Балкан, преку видео конференциска врска поради пандемијата на новиот коронавирус.

ИТАЛИЈА - Италија забележа најмал дневен број на новозаразени од коронавирус од почетокот на март. Во претходните 24 часа, регистрирани се уште 1.075 пациенти, со што вкупниот број потврдени кои се заразени е над 213.000.

САД - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека Белата куќа постепено ќе ја распушти работната група за борба против коронавирусот, во време кога земјата влегува во втората фаза на борба со последиците од пандемијата.