Конзулот во Минхен на разговор за „честитката за Слупчане“

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Генералниот конзул на земјава во Минхен ќе биде повикан на консултации во Министерството за надворешни работи, поради содржина на негова објава на Фејсбук, соопшти денеска МНР, по завчерашните објави во медиумите за „честитката на конзулот за ослободувањето на Слупчане“.

„Во врска со објавата на Фејсбук со содржина која се коси со Законот за надворешни работи и етичкиот кодекс на дипломатите, Генералниот конзул во Минхен ќе биде повикан на консултации во Министерството за надворешни работи веднаш штом се создадат услови за патување, кои во моментов се отежнати со оглед на пандемијата“, објави МНР на официјалниот Фејсбук профил.

На 2-ри мај годинава, Реџеп Демири, конзул во Минхен, на својот Фејсбук профил го честиташе „ослободувањето на Слупчане и Карадакун: Стотици војници на националната ослободителна армија – заземаа точки за да ја заштитат албанската татковина, права и здив насекаде. Засекогаш во нашите сеќавања, маченици на нацијата. Слава им“, напиша завчера конзулот.

МНР наведува дека консултациите ќе бидат во насока на испитување на околностите за утврдување евентуална одговорност врз основа на дисциплинска постапка.