Во 6 градови во земјава нема повеќе активни случаи на КОВИД-19

илустрација, плоштад Скопје

Министерството за здравство согласно последниот (вчерашен) извештај на Институтот за јавно здравје информира дека во шест градови во земјава, во Дебар, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар нема повеќе активни случаи со коронавирус.

„Од почетокот на епидемијата, во Дебар беше регистриран 51 случај, досега четири лица починаа, а 47 се оздравени. Во Радовиш и Гевгелија беа регистрирани по четири случаи, во Струмица два, во Пробиштип два, а во Демир Хисар еден позитивен случај на коронавирусот“, наведуваат од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека во овие градови не се регистрирани смртни случаи од Ковид-19, а сите евидентирани ковид-позитивни се оздравени.