Датуми и бранови

ШВАЈЦАРИЈА - Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека работи со компаниите во чија сопственост се социјалните медиуми во обид да се спречат дезинформациите поврзани со пандемијата од коронавирусот, а најголемо внимание се посветува на апликации кои го користат тинејџерите.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 69 оздравени пациенти, 29 новозаразени со коронавирус и 4 починати од Ковид-19.

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека преговарачката рамка од Европската комисија, според информациите со кои располагаат, ќе биде презентирана на 3 јуни.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче објави на фејсбук дека од денеска, 1-ви мај, се казнува непочитувањето на Уредбата за носење на заштитна опрема. Задолжително е носењето на заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз и здравствени институции.

САД - Најверојатниот кандидат од американската Демократска партија за претседател на Соединетите Американски Држави Џо Бајден во денешното интервју за кабелската телевизија МСНБЦ одговори на обвинувањата од Тара Рид, жена од Калифорнија која тврди дека тој сексуално ја злоупотребувал во 1993 година, кога работела како асистент во неговата канцеларија во Сенатот: Тоа недвосмислено никогаш, никогаш не се случило.

ТУРЦИЈА - Плоштадите во Турција главно останаа тивки на Меѓународниот ден на трудот поради полицискиот час воспоставен поради коронавирусот. Властите им дозволија на некои синдикати да положат цвеќе на симболични места. Само во Истанбул околу 45 000 полицајци беа на улиците за да спречат собири и покрај полицискиот час.

ГРЦИЈА - Неколку стотини членови на грчкиот комунистички синдикат ПАМЕ денеска излегоа на демонстрации пред парламентот во Атина, а насобраните стоеја на физичка дистанца препорача за да се спречи ширењето на коронавирусот.

УНГАРИЈА - Унгарија треба да се подготви за потенцијален втор бран на коронавирусот во октомври-ноември, иако ширењето на вирусот најверојатно ќе биде забавено во текот на летото, изјави денеска премиерот Виктор Орбан за државното радио.

КИНА / САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека видел докази кои го уверуваат дека коронавирусот излегол од кинеска лабораторија за вирусологија, повторувајќи ја теоријата за потеклото на вирусот.