ССМ: Не смеат да се носат уредби по нарачка на газди и комори

Сојузот на синдикатите на Македонија и се „заблагодарува“ на министерката за финансии Нина Ангелова, што во целост ги поддржува и применува мерките од „газдите“ и придонесува да се зголеми бројот на невработени, како честитка по повод претстојниот 1- ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.

Вака денеска реагираше Сојузот на синдикати на Македонија на изјавата на министерката за финансии Нина Ангеловска во врска со олабавувањето на условите за задржување на бројот на вработени, при користење на мерката за субвенции на плати за стопанството.

„Во овие моменти кои се исклучително тешки за македонските работници, Владата, ниту пак Министерството за финансии, не смеат да носат уредби по нарачка и притисок од работодавачите, коморите и сл., кои се на штета и на грбот на работниците“, Реагираше ССМ.

Од ССМ ги потсетуваат Министерството за финансии и Владата „дека давање на финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните, не смее да овозможува намалување на бројот на вработени односно државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите.“