Камионџии, свадби и избори „по пошта“

МАКЕДОНИЈА - Денеска беше одбележана 19-годишнината од загинувањето на припадниците на полициските и армиските сили кај Вејце. Почит за загинатите им беше оддадена со положување свежо цвеќе во Битола и во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека веќе се изготвуваат протоколи за работа на угостителски објекти, училиштата и градинките за кога ќе се олабават мерките за заштита од коронавирусот. Во еден момент ќе се случи и тоа. Рестораните ќе се отворат, а свадби и семејни веселби ќе се одржуваат. Но, ќе треба да се намали бројот на присутни во рестораните и секако ќе треба да се обезбеди посебна дистанца меѓу гостите, рече Филипче.

МАКЕДОНИЈА -Министерството за здравство информираше дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 36 оздравени пациенти, 6 починати и 22 новозаразени со коронавирус во последните 24 часа.

МАКЕДОНИЈА - Транспортерите со своите камиони и со вклучени сирени денеска протестираа низ центарот на Скопје, пред Владата и пред Собранието, против одлуката за зголемување на акцизата за 3 денари на горивата и побараа нејзино повлекување. Од Владата реагираа дека протестот е демократско право, но тврдат дека покачувањето на акцизата нема да биде товар на никого.

МАКЕДОНИЈА - На 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14 часот и ќе трае до 05 часот наутро следниот ден, објави премиерот Оливер Спасовски.

МАКЕДОНИЈА - Џамиите во Скопје се празни за време на светиот месец за муслиманите - Рамазан. И Владата и надлежните верски институции повикаа верниците Рамазан да го поминат во кругот на семејството како една од мерките за заштита од коронавирусот.

МАКЕДОНИЈА - Лажна вест напиша министерот за образование Арбер Адеми на неговиот Фејсбук профил за наводната Уредба од Министерството за образование за старт на учебната година на 18 мај. Тој објави и фотографија од лажната уредба пречкртана со црвено.

ПОЛСКА - Лидерот на Европската народна партија и поранешен полски премиер, Доналд Туск, изјави дека тој нема да гласа на најавените избори за претседател во Полска, бидејќи, како што рече, набрзина спроведеното поштенско гласање ќе биде неуставно и неизвесно.

КОСОВО - Нема таков фактор кој ќе може да ги амнестира злосторствата против човештвото и геноцидот на Србија во Косово во војната од 1998-99 година, изјави претседателот на Косово, Хашим Тачи, јави МИА од Приштина.

РУСИЈА - Русија денеска забележа нов рекорден дневен раст на новозаболени. Во последните 24 часа се евидентирани 6.411 новозаразени со коронавирусот, соопшти рускиот Кризен штаб.

ЧЕШКА - Градоначалникот на Прага Зденек Хриб потврди дека полицијата го чува деноноќно, откако едно чешкото списание Респект објави дека тој и уште еден официјален претставник на чешкиот главен град веројатно биле цел на руски заговор за труење.

СИРИЈА - Најмалку 20 луѓе се убиени при експлозија на бомба во камион со гориво во северниот сириски контролиран од бунтовниците поддржани од Турција, соопшти групата која го мониторира конфликтот во Сирија.