Од утре аплицирање за бескаматните кредити „Ковид 2“

Од утре, па во наредните 15 дена, ќе се примаат електронските апликации за бескаматните кредити од втората линија - „Ковид 2“, а која се однесува за компаниите од сите дејности, со максимален број на 250 работници и со намален приход за 30 отсто во однос на истиот месец од претходната година, или пак во однос на просекот од претходната година. Бескаматната втора кредитна линија изнесува 8 милиони евра, добиената сума треба да се врати за 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци, а отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши квартално.

Првата кредитна линија “Ковид 1“ изнесува 5,7 милиони евра и се однесува само на компаниите од секторите туризам, угостителство и транспорт. Според директорот на Развојната банка, Кире Наумов, според дотогаш разгледаните апликации условите за кредит ги исполниле 584 компании со повеќе од 5.000 вработени, а вкупниот износ на кредит за овие фирми е 4,4 милиони евра, што значи дека има уште апликанти и уште расположливи пари.