Дебарски муфтија, македонски отец и британска кралица

МАКЕДОНИЈА - И ние младите генерации во Дебар ги продолжуваме добрите меѓуверски односи кои со векови се присутни на овие простори, бидејќи имаме обврска од постарите генерации да ја почитуваме верската толеранција, изјавија денеска новиот дебарски муфтија Решат Качалнику и отецот на МПЦ – ОА во Дебар, Мики Ангеловски, на средбата во црквата Света Петка, каде муфтијата го честиташе Велигден.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека сите рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот дале добри резултати и ќе останат во сила се додека состојбата е целосно под контрола и кога ќе помине пикот на болеста. Според него, најновите анализи сепак покажале дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, но на сметка на подигнување на мерките на лична заштита.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 24 излекувани пациенти кои се лекувале во домашни услови: Скопје 4, Дебар 4, Струмица 1, Куманово 1, Штип 3, Прилеп 3, Кочани 5 и Тетово 3. Има 1 починат и 7 новозаразени.

ШВАЈЦАРИЈА - Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, изјави дека ММФ ќе мора да разгледа специјални мерки за да им помогне на земјите да се изборат со пандемијата со новиот коронавирус и негативните последици по економијата. Според неа, Фондот веќе презел посебни чекори за да ослободи средства посебно за пазарите и земјите во развој, кои се соочија со одлив на рекордни 100 милијарди долари.

ЈУЖНА КОРЕЈА / СЕВЕРНА КОРЕЈА -Се чини дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ги раководи државничките работи во Северна Кореја, соопшти официјален Сеул, по непотврдените информации за влошеното здравје на Ун, по наводната операција на срцето.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот противкандидат на изборите Бени Ганц објавија дека формирале Влада на национално единство, со што е прекината најдолгата политичка криза во историјата на земјата.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека привремено ќе ја запре имиграцијата во Соединетите држави за да ги заштити американските работни места во време на економска криза предизвикана од коронавирусот.

БЕЛОРУСИЈА / САД - САД го наименуваа свој прв амбасадор во Белорусија по повеќе од над една деценија во најнов знак на затоплување на односите меѓу двете земји. Претседателот на САД, Доналд Трамп објави дека има намера на тоа место да ја номинира Џули Фишер, висок функционер на Стејт департментот за Европа.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британската кралица Елизабета Втора денеска дискретно го прослави својот роденден без традиционалното почесно славење што таа го гледа како несоодветно среде епидемија на коронавирус во која починаа неколку илјади луѓе во Британија. Кралицата денеска полни 94 години. Нејзиниот роденден се одбележува секоја година со почесна стрелба во Лондон и Виндзор, околу 40 километри оддалечен од главниот град.