И Париз, по Вашингтон и Лондон, се сомнева во Кина за коронавирусот

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон процени дека во Кина има „магливи области“ над пандемијата на коронавирус. Тој за „Фајненшл тајмс“ изјави дека е јасно оти имало работи што се случиле, но никој не знае за тоа. Така и Париз им се приклучи на сомнежите изразени од Лондон и Вашингтон. Британија вчера ја предупреди Кина дека треба да одговори на „тешки прашања за појавата на вирусот и зошто не е запрен порано“.

Кина реагира дека Ковид-19 не настанал во лабораторија

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Пекинг за „криење“ на сериозноста на епидемијата при нејзиното избувнување во Кина и во вторникот го замрзна финансискиот придонес на САД во Светската здравствена организација, оценувајќи дека таа е на страната на Кина. Русија пак и даде поддршка на Кина. Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со неговиот кинески колега Си Џинпинг изјави дека биле „контрапродуктивни“ обвинувања дека Пекинг шири дезинформации за новиот коронавирус.