Генерал на САД на средба со Талибанците за намалување на насилството

Архива - командантот на САД и НАТО во Авганистан Остин Милер.

Високиот командант на САД и НАТО во Авганистан Остин Милер се сретна со претставници од политичката канцеларија на Талибанците во Доха да дискутираат за намалување на насилството, соопштија официјални претставници.

Портпаролот на војската на САД Сони Легет изјави дека Милер имал средба со „избрани талибански лидери“ на која дискутирале за „потребата за намалување на насилството.“

Легет изјави дека состанокот доцна на 10 април бил „дел од воениот канал“ воспоставен преку договорот во февруари меѓу САД и Талибанците. Тој не даде дополнителни информации.

Сухаил Шахен, портпарол на канцеларијата на Талибанците во Доха, денеска изјави дека групата побарала од САД да не ги напаѓа областите каде не се одвиваат борби.

Талибанците објавија видео снимка во која се тврди дека на 10 април е бомбардирана куќа од страна на силите на САД во провинцијата Бадакшан. Автентичноста на снимката не може независно да биде потврдена.

Тврдењето доаѓа откако милитантната група е обвинета за неколку смртоносни напади низ Авганистан во изминатите два дена.

Тројца цивили беа убиени и двајца други повредени во областа Спин Болдак во јужната провинција Кандахар доцна на 10 април.

Портпаролот на провинцискиот гувернер Башир Ахмади за нападот ги обвини Талибанците, кои имаат силно присуство во областа.

Талибанските милитанти на 10 април исто така ја нападнаа областа Хавја Омари во југоисточната провинција Газни, според членови на провинцискиот совет.

Претставници во западната провинција Херат велат дека талибанските милитанти киднапирале и застрелале петмина вработени во локална државна банка, доцна на 9 април.

Континуираното насилство предизвикува сомнеж во иднината на внатрешните мировни преговори меѓу Авганистанската влада и Талибанците со цел прекин на конфликтот во Авганистан.