Помош, Вухан и Велигден

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информираше дека пред малку починала 27-годишната родилка од Куманово, која беше позитивна на Ковид-19. Со тоа бројот на починати од Ковид-19 во последните 24 часа се зголеми на 3. Бројот на новозаразени во последните 24 часа е 18, а бројот на излекувани - 5.

БЕЛГИЈА - Вкупниот пакет Тим Европа изнесува 15,6 милијарди евра, од кои 3,25 милијарди се наменети за Африка, 800 милиони евра се за земјите од Западен Балкан и Турција. Земјите од јужното соседство на ЕУ ќе добијат 2,1 милијарда евра, а источните соседи 962 милиони евра. Азија и Пацификот ќе добијат 1,22 милијарди евра за борба со коронавирусот.

ШВАЈЦАРИЈА - Директорот на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, Ханс Клуге, денеска информираше дека бројот на заразени со новиот корона вирус во Европа надмина 687.000, а над 62.000 лица починаа.

ХРВАТСКА - Хрватското претседателство на Советот на ЕУ одлучи да ги одложи сите неформални состаноци и конференции до 15 мај, меќу кои и Самитот ЕУ-Западен Балкан, за да се ограничи ширењето на пандемијата Ковид-19. Самитот ЕУ-Западен Балкан беше предвиден да се одржи во Загреб на 7 мај.

РУСИЈА - Рускиот оперативен штаб за борба против заразата денеска соопшти дека бројот на заразени со новиот коронавирус во Русија се зголемил за 1.175 во текот на изминатите 24 часа, и сега изнесува 8.672 во 81 од 85 региони на федерацијата. Тоа е рекорден број нови случаи на ден во Русија.

БЕЛГИЈА - Европската Унија идентификувала лажни информации за пандемија на коронавирус коишто доаѓаат од Русија, изјави потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, пренесе германската новинска агенција ДПА.

САД - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни 225 милиони американски долари помош за земјите од целиот свет за борба против пандемијата на коронавирус.

ГРЦИЈА - Високиот суд на Грција ги одби жалбите со барање за укинување на забраната за верските служби за време на велигденските празници. Неколку верски организации, кои не се поврзани со грчката православна црква, ја оспорија забраната за собирање, велејќи дека тоа е неуставно.

КИНА - По 76 дена, или помалку од 11 недели, кинескиот град Вухан, градот каде што се појави новиот коронавирус, излезе од изолација. Невидената блокада на Вухан стана модел за земјите кои се обидуваат да го спречат ширењето на пандемијата.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон втора ноќ мина на интензивна нега и е во стабилна состојба откако доби поддршка со кислород за компликациите на КОВИД-19.