Доктори, матуранти и твитер налози

ШПАНИЈА - Шпанија денеска ја надмина Италија по бројот на заразени со коронавирус, има 117.710, а само во еден ден починале 932. Вкупно смртни случаи во Шпанија досега има 10.935. Над 30.000 оздравеа. Во Италија бројот на заразени е 115.242, на починати 13.915, а на оздравени е 18.278.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести починаа двајца пациенти. Едниот пациент на возраст од 70 години од Куманово, кој од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост, неговиот резултат на Ковид-19 се уште не е готов. Другиот е пациент на возраст од 68 години, од село во околината на Тетово, кој имал артериска хипертензија. МЗ денес објави и дека има 46 новозаразени со коронавирус и 3 излекувани.

МАКЕДОНИЈА - ВМРО-ДПМНЕ бара итно укинување на државната матура за учебната 2019/2020 година за сите ученици, како една од мерките за справување со кризата од коронавирусот.

МАКЕДОНИЈА - Евроамбасадорот во Северна Македонија, Самуел Жбогар, денеска го потпиша финансискиот пакет вреден четири милиони евра за итни медицински потреби на Северна Македонија, како одговор на кризата со Ковид-19.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека од сабота во 13 часот до понеделник до 5 часот наутро ќе биде забрането движењето на територија на цела Србија, освен за пензионерите кои ќе можат во недела од 04 до 07 часот да излезат да купат намирници.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постигнал договор со Русија и Саудиска Арабија за да се намали производството на нафта и да се стави крај на големиот пад на цената на нафтата поради глобалната пандемија на коронавирус. Трамп рече дека разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин и со саудискиот принц Мохамед бин Салман, но деталите за тоа како ќе функционира договорот се уште не се јасни.

БУГАРИЈА - Уште двајца бугарски парламентарци имаат позитивен тест на КОВИД-19, болест предизвикана од коронавирусот. Станува збор за претседателката на парламентарната група на владејачката централно-десничарска партија ГЕРБ, Даниела Дариткова и друга членка на оваа партија, Даниела Малешкова.

УНГАРИЈА - Унгарските власти оценија дека тие се цел на лов на вештерки поради мерките што ги презедоа за борба против ширењето на коронавирусот. Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно изјави дека е посебно загрижена за ситуацијата во Унгарија, откако донесе посебни мерки за справување со епидемијата.

СРБИЈА - Социјалната мрежа Твитер објави дека изгаснала 8.558 налози користени за промовирање на Српската напредна партија и нејзиниот лидер претседателот Александар Вучиќ.