Расте бројот на заболени од Ковид19 на Балканот

Главната автобуска станица во Белград

Од земјите во регионот до денеска најмногу потврдени случаи на коронавируси има во Грција. Здравствени власти на јужниот сосед соопштија дека се потврдени 892 заболени од коронавирус, а 26 луѓе починале. Следна по Грција е Словенија со потврдени 562 случаи, па по неа следува Хрватска со 495 и Србија со 457 случаи. Кај северниот сосед само денеска починаа три лица, со што бројката на досега починати се искачи на седум.

Во Бугарија досега починаа три лица, а има заболено 264. Во Македонија, пак, до денеска има потврдено 201 лице заболено од коронавирус, а тројца починаа. По државава, од земјите во регионот по број на заболени следуваат Босна и Херцеговина со 185 лица, Албанија со 146 потврдени случаи, Косово со 71 и Црна Гора со 67 потврдени случаи.

Инаку, коронавирусот, или Ковид19 почна да се шири во декември минатата година во кинеската провинција Вухан. Подоцна се прошири насекаде, а Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март. Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот се во самоизолација, која е главна препорака на владите за справување со ширењето. По Кина, каде што изби вирусот, Италија е втора земја погодена од него. Таа во моментов е и светско жариште.