Пет новозаболени од коронавирус, вкупно 31 пациент во Македонија

илустрација

Министерството за здравство Венко Филипче вечерва соопшти дека од десетмината кои попладнево беа тестирани за коронавирус, петмина се позитивни на Ковид-19.

„Позитивна е сопругата на веќе дијагностицираниот пациент од Скопје и четири здравствени работници – двајца доктори и две медицински сестри од Дебар. Со ова, бројката на заболени со коронавирус во земјата се искачи на 31“, изјави Филипче.

Министерот истакна дека трудот, напорот и улогата на здравствените работници сега е непроценлива и дека во овој момент е најважно да се обезбеди стабилен здравствен систем. Тој повтори дека епидемијата е во силен ек и согласно епидемиолошките податоци, очекувано е бројот на заболени да расте во наредниот период.

„Најважно е пикот, односно врвот на епидемијата да не биде остар, да не се случи нагло“, изјави Филипче.

Според Филипче ако состојбата со ширењето на вирусот продолжи со овој интензитет, можно е да се продолжат веќе постоечките мерки и препораки, односно да останат затворени градинките и училиштата.