Честитки и мерки

МАКЕДОНИЈА / БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја поздрави одлуката на Шпанскиот сенат кој денеска го ратификуваше протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија. Честито Северна Македонија, напиша Столтенберг.

МАКЕДОНИЈА - До сега во Македонија се потврдени вкупно 26 лица заболени од коронаирусот, откако денеска биле потврдени дека се позитивни тројца пациенти кои се тестирале на Клиниката Жан Митрев, а за нив Институтот за јавно здравје направил контролни тестови, со кои се потврдени претходниот резултати, информираше на денешната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче.

МАКЕДОНИЈА - На денешната лидерска средба кај шефот на државата, Стево Пендаровски, постигнат е консензус за одлука за одложување на изборите, кои би се одржале кога ќе има нормална состојба и минимум услови за изјаснување на граѓаните, што сега е невозможно поради ситуацијата со коронавирусот.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот народен театар од утре со почеток од 20 часот почнува со онлајн пренесување на неговите театарски претстави преку неговиот јутјуб канал, соопшти МНТ.

БЕЛГИЈА / МАКЕДОНИЈА - Советот за општи работи на ЕУ позитивно ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, дознава Радио Слободна Европа. Како што јавува нашата дописничка од Брисел, во нацрт-заклучокот, во кој Слободна Европа имаше увид, стои дека министрите од земјите членки на ЕУ, под услов да го усвои Советот на Европа, ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

КИНА - Кинеското Министерство за надворешни работи денеска реагираше на твитот на американскиот претседател Доналд Трамп, во кој КОВИД-19 го нарекува кинески вирус.

СИРИЈА - Исламска држава им порача на своите припадници да не патуваат во Европа поради коронавирусот, а тие што се веќе во Европа да не ја напуштаат, како и да си ги мијат и да си ја покриваат устата кога кашлаат, пренесе Ројтерс.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговарал со лидерите на Германија, Франција и Велика Британија за проблемите во односите Турција-ЕУ, по отворањето на границите за мигрантите кои од турско тло заминаа кон европските земји.

КИНА - Вухан, град во Кина каде започна пандемијата на на новиот коронавирус, денеска забележа само еден нов случај, а официјалните лица изјавија дека веруваат оти Кина го надминала најлошиот дел од кризата.

ШВАЈЦАРИЈА - Поради пандемијата која ја предизвика коронавирусот УЕФА го одложи Европското првенство во фудбал за следната година од 11 јуни до 11 јули. УЕФА донесе ваква одлука за да им овозможи на националните Сојузи да ги завршат своите првенства, особено тоа се однесува на петте најсилни првенства во Европа. Кога ќе продолжат националните првенства допрва ќе биде утврдено, а тоа ќе зависи како ќе се одвива кризата со коронавирусот, соопшти УЕФА.