ЕУ со 37 милијарди евра ќе им помага на фирмите погодени од коронавирусот

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Европската унија одобри 37 милијарди евра за поддршка на секторите од економијата погодени од пандемијата на новиот коронавирус, соопшти денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Брисел.

Таа објасни дека владите на земјите-членки на ЕУ ќе може да отстапат од важечките ограничувања на Унијата и да ги надминат дозволените буџетски расходи за субвенции и поддршка на претпријатијата кои трпат штета поради пандемијата.

Еу ќе даде и гаранции од осум милијарди евра за кредити за стотина илјади мали и средни претпријатија.

„Уверена сум дека ЕУ ќе успее да го преброди овој удар“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека земја мора целосно да ја преземе својата одговорноста, а Унијата во целина да биде одлучна, усогласена и единствена.

Таа рече дека земјите-членки мора да ги преземат сите неопходни мерки да му помогнат на стопанството, зашто Европската комисија е „крајно флексибилна“ во врска со придржувањето до обврските од Пактот за стабилност и раст, како и чесна конкуренција меѓу земјите од ЕУ.

Таа „флексибилност“ ѝ оди во прилог на Италија која е најтешко погодена од пандемијата, а владата во Рим веќе одвои 25 милијарди евра за сузбивање на болеста, за што немаше друг начин отколку да ги надмине буџетските издвојувања.