Филипче: Прогласуваме кризна состојба во Дебар и Центар Жупа

Владата одлучи во Дебар и Центар Жупа да се прогласи кризна состојба, односно да биде ограничено движењето во и од двете општини, откако се утврдени четири нови пациенти со коронавирус, поврзани со брачната двојка од Дебар, кои беа втор и трет случај на заболени, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

„Не можеме да бидеме сигурни со каква динамика ќе се шири вирусот. Овие мерки се сериозни и ова не е шега. Значи кога велиме нема собири - значи нема собири. Ова мора да се почитува. Не може вака неодговорно да се однесуваат луѓето“, истакна Филипче.

Тој информираше дека еден државјанин од Германија е изолиран, затоа што имал висока температура, а изолирани се и дел од луѓето кои седеле околу него. Филипче додаде дека осуммината претходни пациенти со коронавирус се стабилни, освен првата пациентка од Дебар, кај која има влошување на состојбата и е на граница да биде поставена на машина за дишење. Таа со нејзиниот сопруг на 26 февруари влегле во земјава од Италија, а на 7 март беа хоспитализирани. Вкупно досега има 13 заболени, од кои првата пациентка е негативна на повторниот тест и утре треба да биде пуштена на домашно лекување.