Пендаровски: Шпанија ќе потпише за НАТО, од Брисел зелено светло за ЕУ, за корона - Совет за безбедност

Стево Пендаровски во Претседателската вила на Водно во Скопје

На 17 март е закажана седница на шпанскиот Парламент за ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, по што ќе се чека само на потпис од шпанскиот крал, изјави денеска македонскиот претседател Стево пендаровски.

„Ќе се чека само на потпис од шпанскиот крал, а за тоа лично добив гаранција дека ќе се случи веднаш штом ќе помине ратификацијата во шпанскиот Парламент“, рече Пендаровски.

Претседателот додаде и дека во Брисел се завршени координациите на членките на ЕУ и дека на 26 март Македонија и Албанија ќе добијат зелено светло за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.​

Во однос на ситуацијата со коронавирусот, Пендаровски рече во понеделник ќе се одржи Совет за безбедност, а во опција е и прогласување на вонредна состојба, бидејќи Парламентот е распуштен, а вонредна состојба може да прогласи и Претседателот на државата.

Претседателот рече и дека „нема да биде ништо страшно ако изборите мора да бидат одложени за некој месец, но дека тој нема право да наведува на конкретни чекори во тој правец“.

На влез во Претседателската вила на Водно, на новинарите им беше измерена температура, со објаснување дека е тоа дел од превентивните мерки заради коронавирусот.