Трајковски за „Монструм“: Имав информации, но Мијалков и Радникот не прифатија средба

Сашо Мијалков доаѓа во суд како сведок во случајот „Монструм“, 27.02.2020

Зоран Трајковски, актуелен полициски службеник во Полициска станица Драчево (поранешен началник на Секторот за оперативно изведување 1998-2003 година) денеска во сведочењето за случајот „Монструм“ рече дека десетина дена пред крвавиот настан кај Смилковско Езеро имал информации дека за Велигденските празници, ќе биде нападната полициска патрола или ќе настрадаат невини луѓе. Тој рече и дека овие информации сакал да им ги каже на тогашниот директор на БЈБ, Љупчо Тодоровски-Радникот, и на Сашо Мијалков, тогашниот директор на УБК, но тие не прифатиле да одржат средба.

„Околу 40-50 дена пред настанот добив информации дека во Липковскиот регион се појавиле паравоени униформирани формации, кои освен знакот на УЧК, имале и значка на Илирида. За овие сознанија го информирав началникот на УБК во Куманово. Исто така и Синиша Алексовски сакаше лично да се увери, да ги види паравоените формации, но на крај не отидовме“, рече сведокот Трајковски.

Тој кажа дека за овие податоци контактирал со пратеникот Васил Пишев, кој го поврзал со пратеникот Веле Ѓорѓиев. Во својот исказ сведокот посочи дека пратеникот Ѓорѓиев бил фрапиран од тие информации и му кажал дека ќе контактира некој функционер од Военото разузнавање.

Сведокот Зоран Трајковски, исто така, наведе дека информациите за можни инциденти пред Велигденските празници добил од два извори од лица од албанска националност, од кои едниот бил од Косово, а другиот од Скопје.

„После овој настан, некаде на средина на април, заменик-командирот на ПС – Драчево, ме викна да се појавам во базата. Кога отидов во неговата канцеларија беа присутни и две други лица кои не ги познавав. Тие ми кажа дека ќе прошетаме малце за средбата што сум ја барал со директорите. Ме разружаа, ми кажаа да ја оставам значката. После тоа се качивме на возило. Отидовме во зградата на Петата Управа. Таму останав не по своја волја од 08:30 и 19:20. Минимум шест саата ме прашуваа за „Монструм”. Ме праша зошто сум бил во Воено разузнавање. Им кажав дека сум барал прием кај нив и дека не ме прифатиле. Секој пола час излегуваа и се враќаа со ливчиња и поставуваа прашања“, изјави Трајковски.