Мерки, забрани, визи и нови мандати

РУСИЈА - Долниот парламент на Русија, Државната Дума, го одобри уставниот амандман со кој ќе се овозможи претседателот Владимир Путин да се кандидира за нов претседателски мандат во 2024 година. Сега Уставот му дозволува на претседателот да има само два последователни шестгодишни мандати. 67-годишниот Путин требаше да се повлече во 2024 година, кога ќе заврши неговиот втор последователен претседателски мандат.

МАКЕДОНИЈА - Градинките, основните и средните училиштата, универзитетите, како и научните институти ќе бидат затворени во наредните 14 дена (од 11 до 25 март), одлучи Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот министер за правда Блерим Беџети и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска имале различни убедувања за случајот Монструм, рече на денешното судско рочиште Беџети, кој во својство на сведок даваше исказ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Додаде дека тие како политички субјект барале да се повтори судењето за овој предмет.

МАКЕДОНИЈА - Врховниот суд ја одби жалбата на неговиот поранешен претседател, Јово Вангеловски, како неоснована и го потврди решението на Судскиот совет за негово разрешување. Со оваа одлука Вангеловски и официјално е разрешен.

КОСОВО - Косовскиот претседател Хашим Тачи, по денешната средба со специјалните претставници на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, изјави дека е разочаран од односот на Европската унија кон Косово. Тој порача дека, сé додека не се укинат визите за косовските граѓани, нема да седне да преговара со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

САД / АВГАНИСТАН - Американската војска соопшти дека го почнала повлекувањето од Авганистан предвидено со мировната спогодба потпишана со талибанците. САД треба да го намалат бројот на војници на 8.600 во рок од 135 денови.

ИЗРАЕЛ - Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху изјави дека владата решила да стави во карантин секој кој доаѓа од странство во настојување да го спречи ширењето на заразата со коронавирус.

БЕЛГИЈА / ТУРЦИЈА - Лидерите на Европската унија ја повикаа Турција да ги почитува одредбите на договорот со кој мигрантите треба да се држат подалеку од европските граници.