Поднесено обвинение за смртта на родилката во „Санте плус“

Илустративна фотографија. Хируршка сала.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против лекарот анестезиолог за смртта на родилката во болницата „Санте плус“. Тој е обвинет за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.

„Обвинетиот на 18 јануари 2018 година, како лекар специјалист анестезиолог, при укажување лекарска помош, применил очигледно неподобен начин на лекување и со тоа предизвикал смрт кај родилката Дебора Ќерими – Џамбази, како и тешко нарушување на здравјето на нејзиното новороденче“, соопштија од Обвинителството.

Спротивно на Законот за здравствена заштита, обвинетиот вработен на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување склучил договор за дело со приватна здравствена установа, на работно место доктор анестезиолог без да го поседува потребното работно искуство во специјалноста над две години и без да постои договор меѓу клиниката во која работел и приватната болница.

Во исто време, приватната здравствена установа била надвор од мрежата и согласно законот немала право да ангажира здравствени работници за вршење дополнителна дејност. На овој начин тој се приклучил на оперативниот тим во кој биле двајца лекари специјалисти гинеколози кои на 18.01.2018 година вршеле хируршки зафат царски рез врз сега починатата родилка.

„Обвинетиот започнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводникот, што предизвикало недостиг на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини, кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво“, се наведува во соопштението од Обвинителството.