Професори, докторки и корона

ГРЦИЈА - Церемонијата на палење на олимпискиот оган во Грција за Летните олимписки игри во Токио ќе се одржи неделава во древна Олимпија без публика, согласно одлуката на организаторите поради ширењето на новиот коронавирус, пренесоа британски медиуми, повикувајќи се на Грчкиот олимписки комитет.

МАКЕДОНИЈА - Професорите на Економскиот факултет во Скопје Славе Ристевски и Драге Јанев се осудени на 2 ипол, а нивниот колега Бобек Шуклев на две години затвор за случајот Еразмус, односно за земање пари од студенти за полагање на испити. Демонстраторот Драган Денковски доби условна казна од две години, а професорот Стојан Дебарлиев е ослободен од обвинението.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција соопшти дека директорката на Клниката за кожни болести е четвртиот потврден случај заболен од коронавирусот во земјава. Таа пред една недела допатувала од Италија и изминатите пет дена редовно одела на работа, истакна тој. Во дел од медиумите се појави информација дека директорката била на свадба кај партискиот секретар на СДСМ, но веднаш беше демантирано.

МАКЕДОНИЈА - Направивте големи напори на патот на интегрирање во ЕУ, беше донесен Договорот од Преспа, го донесовте Законот за јавно обвинителство, клучен фактор, поради кој одредени земји не дадоа зелено светло, порача министерот за надворешни и европски работи на Луксембург, Жан Аселборн денеска на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти не замина на состанок со претседателот на државата Хашим Тачи, кој денеска ги повика на одделни средби лидерите на парламентарните партии, со цел координација за прашањата од национален интерес, јави МИА од Приштина.

БЕЛГИЈА - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред почетокот на денешните разговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Брисел изјави дека Анкара мора да ги оддалечи бегалците и мигрантите од грчката граница, јавија британски медиуми. Доколку се најде решение за оваа ситуација ќе биде олеснување за притисокот што сега е врз границата, рече Фон дер Лајен.

ТУРЦИЈА - Поранешниот турски вицепремиер и министер за економија Али Бабаџан објави во телевизиско интервју дејка ќе основа нова политичка партија која ќе биде промовирана в среда. Бабаџан во интервју за Фокс ТВ-Турција, изјави дека денеска ќе бидат доставени потребните документи во турското МВР за регистрирање на партијата, објави МИА.

ИРАН - Иранските власти ослободија околу 70 илјади затвореници поради ширењето на коронавирусот во земјата, изјави Ебрахим Раиси, првиот човек на правосудството. Тој истакна дека ќе продолжи ослободувањето на затвореници во места каде што тоа нема да создава несигурност во општеството. Засега не е целосно јасно дали и кога ослободените затвореници би се вратиле во затвор.

БЕЛГИЈА - Еврокомесарот Јоханес Хан смета дека отворањето на границите кон ЕУ е маневар на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за свртување на внимението од внатрешно-политичките проблеми. Хан вели дека тоа треба да се гледа од аголот на внатрешно-политичката ситуција во Турција, објави МИА, повикувајќи се на интервјуто на еврокомесарот за виенскиот дневен весник Стандард.