Спасовски повика да се истражи од каде потекнуваат „бомбите“ за Милошоски

СЈО

Премиерот Оливер Спасовски денеска повика институциите да истражат од каде се прислушуваните материјали за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Милошоски на својот Фејсбук профил напиша дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев има копии од сите снимки за кои, „лажно тврдел“ дека му ги предал на СЈО. Тој пишува и дека снимките се направени од УБК во 2011, во времето на Сашо Мијалков. Спасовски, пак, вели дека сè што имале СДСМ од прислушувани материјали ги предале на СЈО.

„Јас не ги слушнав и не знам за што се работи, само знам дека се објавени некакви материјали. Повикувам институциите да истражат, да видат кои материјали се, какви се, од каде се објавени и да преземат соодветни мерки. Нулта толеранција за оваа работа. Институциите треба да работат ефикасно и да ги откријат тие кои ова го прават, и врз основа на тоа да преземат соодветни санкции“, изјави Спасовски.

Вчера беа објавени пет прислушувани разговори на кои се слуша гласот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, како меѓудругото разговара со поранешниот претседател на Врховен суд, Јово Вангеловски и со други судии во врска со предметот со Здружението на возачи-Кичево, со кој се поврзан неговиот татко.

Милошоски претходно објавуваше снимки, на кои тврдеше дека се слуша гласот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а снимите ги предаде и на Обвинителство.