Најмалку 32 мртви во напад во Кабул

Најмалку 32 лица загинале во вооружен напад во главниот град на Авганистан, Кабул, за време на церемонија. Нападот следува неколку дена откако Соединетите држави и Талибанците потпишаа договор и се согласија да ги повлечат трупите.

Министерството за здравство на Авганистан соопшти дека за време на нападот биле повредени 58 лица, а петмина од загинатите се жени. Според првичните извештаи на агенциите, одговорноста за нападот ја презела милитантната организација „Исламска држава“.

Нападот се случил за време на настан за одбележување на годишнината од смртта на шиитскиот лидер на кој присуствувале високи функционери, меѓу кои и Абдула Абдулах, кој е на чело на извршната власт на Авганистан и кој успеал да остане неповреден. Министерството за внатрешни работи на Авганистан соопшти дека нападот предизвикал судири меѓу специјалните полициски сили и напаѓачите во истиот регион каде се случил нападот.

Талибанците, кои потпишаа договор со Соединетите држави во последната недела од февруари, за да се стави крај на 18-годишната војна во Авганистан, веднаш ја негираа одговорноста за нападот.