Ердоган и Путин договорија прекин на огнот во Идлиб

Претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин

Турција и Русија соопштија дека се согласиле за прекин на огнот во северозападната сириска провинција Идлиб. Претседателите на двете земји, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин го објавија договорот по шестчасовен разговор во Москва. Тие се обидуваат да ги олеснат тензиите по разгорувањето на насилството во Сирија.

Двајцата лидери се договориле на полноќ да се прекине огнот на борбени линии. Договорено е и да се постави безбедносен коридор широк 12 километри долж автопатот М4. На коридорот треба заеднички да патролираат руски и турски патроли почнувајќи од 15 март.

До средбата меѓу Путин и Ердоган доаѓа по тензиите во Идлиб, последното бунтовничко упориште во Сирија, каде Турција во последните недели започна офанзива против силите на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој е близок сојузник на Русија.

На 27 февруари Анкара соопшти дека во воздушен напад во Сирија загинале 34 турски војници, по што во знак на одмазда на 1 март беа убиени 19 сириски војници.

Турција и Русија, кои поддржуваат спротивставените страни во конфликтот, досега избегнуваа директно соочување, но најновите инциденти предизвикаа сомнежи дека Турција, која е членка на НАТО и Русија би можело да бидат вклучени во вооружен судир.

Ердоган минатата недела побара Европа да ги поддржи турските напори во Сирија, а во меѓувреме предизвика нова мигрантска криза со тоа што ги отвори границите и дозволи тие да ја напуштат земјата.

Анкара сака силите на Асад, кои започнаа напад врз Идлиб, да се повлечат зад линиите договорени според договорот од 2018 година, посредуван со Москва.