Случај „Титаник“- сведоците не знаеле оти од нивно име е уплаќано на ВМРО-ДПМНЕ

Архивска фотографија- Судење за случајот „Титаник“

Шест членовина политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од 2011 година, денеска сведочеа во Кривичниот суд за предметот „Титаник“ во кој обвинети се повеќе лица за изборни нерегуларности и незаконско финансирање на предизборна кампања. Сите шестмина прашани од обвинителката Лиле Стефанова изјавија дека не знаеле дека во нивно име е уплатена сума од 60.000 денари на партијата како донација и дека за тоа дознале во СЈО кога им биле посочени уплатници.

Даниела Груевска вработена во ОУ „Марко Цепенков“ во општина Зелениково, како и Наталија Гелева вработена во СВР Струмица, рекоа дека ниту тие дале, ниту пак на некому му дале 60.000 денари да уплати во нивно име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како донација. Сведокот Стојанчо Арсов тврдеше дека пратеничката Бети Кузмановска го повикала и му кажала да пополни уплатница на која ќе бидат уплатени пари од членарина и дека не му потврдиле дека таа е уплатена, ниту пак му бил познат износот на уплатницата која е уплатена. Истото го наведоа и другите сведоци дека не се запознаени за уплата на таква сума, но кажаа дека донирале пари за партијата, едни од околу 300.000 денари, другиот околу 5.000 и дека тоа го правеле на каса прими.

Судењето ќе продолжи на 11 март за кога се предложени осум сведоци. Во „Титаник“, освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Кирил Тодоровски и други. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.