САД и талибанците потпишаа договор за ставање крај на војната во Авганистан

Американскиот специјален пратеник за помирување во Авганистан Залмај Халилзад и коосновачот на талибанци Мула Абдул Гани Бардар го потпишуваат мировниот договор во Доха

САД потпишаа историски договор со талибанците, чија цел е да се стави крај на конфликтот во Авганистан. Договорот, кој беше потпишан денеска во Доха во Катар, предвидува распоред на повлекување на американските војници од Авганистан по повеќе од 18 години во замена за различни безбедносни обврски од бунтовниците и ветувања дека ќе водат разговори со владата во Кабул.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и талибанските водачи присуствуваа на церемонијата за потпишување.

Помпео рече дека Авганистанците треба да живеат во мир и просперитет, со почит за правата на жените, додека САД мора да бидат уверени дека нема да има терористички закани од земјата.

Зборувајќи во Кабул, американскиот секретар за одбрана Марк Еспер рече дека САД нема да се колебаат да го поништат договорот ако талибанците не се придржуваат до него.