Помпео го надгледува потпишувањето на договорот со талибанците

Американскиот државен секретар Мајк Помпео

Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна во Доха за да го надгледува потпишувањето на договорот со талибанците, со кој може да стави крај на конфликтот во Авганистан.

Предвидено е денеска да се одржи церемонијата на која американските официјални претставници и талибанските преговарачи ќе го потпишат договорот.

Поминаа повеќе од 18 години откако американскиот претседателот Џорџ Буш нареди инвазија во Авганистан, што уследи по терористичките нападите на 11-ти септември 2001 година во Соединетите Држави.

Сегашниот договор може да доведе до повлекување на американските трупи и мировен договор помеѓу талибанците и авганистанската влада која е поддржана од Западот.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 28 февруари изјави дека Помпео е испратен за да биде сведок на потпишувањето на договорот со талибанците.

На потпишувањето на Договорот му претходи договор со кој силите предводени од САД и талибанците се обврзаа на намалување на насилството.

Според планот што треба да се потпише, Соединетите Држави треба да го намалат бројот на трупите во Авганистан на 8.600. Сега во земјата има околу 13.000 војници. За возврат, талибанците ветија дека нема да ја користат земјата како полигон за напади на американските или коалициските сили и ветија дека ќе одржат разговори со владата во Кабул. Талибанците досега одбиваа да разговараат директно со авганистанската влада, нарекувајќи ја марионета на Западот.

Коалицијата на сили предводена од САД го нападна Авганистан во 2001 година за да ги истера талибанците од власт, откако групата одби да го предаде терористот на Ал-Каеда, Осама бин Ладен.

Оттогаш, околу 2.400 американски војници се убиени во Авганистан, заедно со десетици илјади авганистански војници, екстремистички борци и цивили.

Портпаролот на талибанците, Сухаил Шахин, за авганистанскиот сервис на РСЕ изјави дека договорот ќе го потпише Мула Абдул Гани Барадар, лидер на политичкото крило на групата.