Лицето кое допатувало од Рим нема коронавирус

Клиника за инфективни болести - Скопје

Министерството за здравство соопшти дека тестовите на лицето за кое попладнето се чекаа резултатите се негативни на коронавирусот

" Резултатите на лицето пристигнато од Италија, кое се тестираше во изминативе неколку часа на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се негативни на корона вирус. Ова е последното лице за кое се чекаа резултатите и во овој момент нема други лица кои се тестираат на корона вирус", соопштуваат од Министерството за здравство.

Претходно негативни на присуство на коронавирус беа тестовите на двајца тестирани пациенти, еден возач на камион кој дошол од Северна Италија и една пациентка која допатувала од Рим.

Во моментов, хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје, која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот.

Пациентката кај која беше потврден коронавирус се чувствува добро, има лесна клиничка слика и нема посериозни компликации, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој информираше дека лицата кои биле во контакт со оваа пациентка се во домашна изолација.

Филипче потенцира дека на овие лица храна и вода и други потребни намирници ќе им доставуваат припадници на Црвениот крст.

Во меѓувреме, Владата ги извести сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработени во основно, средно и високо образование како и сите ученици и студенти дека доколку во последниве две недели патувале или живеат со некој кој патувал во регионите: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван потребно е, да не доаѓаат на работа однонсо на училиште или факултет