Во Сирија загинаа уште тројца турски војници

Турски војници

Тројца турски војници загинаа во северозападна Сирија при судир на турските и сириските сили, изјави денеска во Анкара претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој ја оцени ситуацијата на теренот како „поповолна“ и наведе дека „загубата од страна на (сирискиот) режим е многу тешка“.

Турското Министерство за одбрана претходно денеска соопшти дека двајца турски војници загинале, а двајца се ранети во напад од воздух во провинцијата Идлиб, каде во судирите на турските и сириските сили од почетокот на февруари загинаа 20 турски војници.

Сириските сили со поддршка на силите на сојузниците од Русија од половината на декември водат офанзива против бунтовниците и џихадиските групи во таа провинција што предизвика тензии со Турција која во таа област има војници.